На Додик му се закануваат со апсење, полицијата на РС спремна да го брани

МУП на Република Српска ги штити сите институции и заштитени лица, особено претседателот на Република Српска, рече Синиша Каран, нагласувајќи дека нивото на безбедност на претседателот на РС е на највисоко ниво.

од Бети Божиноска
606 прегледи

Министерството за внатрешни работи на Република Српска со години максимално го штити претседателот на Републиката, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Синиша Каран, пренесува „Политика“.

„Претседателот на Република Српска со години е најзагрозената личност. МУП на Република Српска ги штити сите институции и заштитени лица, особено претседателот на Република Српска“, рече Каран, нагласувајќи дека нивото на безбедност на претседателот на РС е на највисоко ниво.

„Минатата година имавме дузина закани, дали преку писма или преку социјалните мрежи и сите ги елиминиравме“, рече Каран.

Претседателот на РС, Мирослав Додик, вчера во пост на „Х“ информираше дека му се заканувале апсење и порача дека во таков случај неговото обезбедување ќе им пружи отпор.

„Ми се закануваат со апсење. Пред еден час добив информација дека ми пораќале оти ако моето обезбедување пружи отпор, ќе пукаат во мене“, изјави Додик на специјалната седница на Народното собрание на Република Српска во Бања Лука.

Тој не посочи од кого се заканите, но рече дека им одговорил оти „сигурно ќе пружи отпор“.

Во меѓувреме, РТРС исвести дека продолжението на судењето на Додик и на вршителот на должноста директор на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, пред Судот на Босна и Херцеговина, ќе се одржи на 17 април.

Рочиштето за овој предмет првично беше закажано за 3 април, но беше одложено за 5 април и сега е поместено за 17 април.

Додик и Лукиќ се обвинети за непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, кого Република Српска не го признава за Висок претставник во Босна и Херцеговина.

Слични содржини