На екстремно десничарска партија во Германија ѝ се ускратува државната финансиска помош

од Stefanija Kuzmanovska
292 прегледи

На екстремно десничарската партија Die Heimat (Татковина) ѝ се ускратува на шест години државната финансиска помош, а донациите за оваа партија повеќе нема да се одбиваат од даночната основа, одлучи во вторникот Уставниот суд во Карлсруе.

„Оваа партија ја премина границата на отфрлање на уставниот поредок на Германија, таа веќе активно се бори против овој поредок“, стои во образложението на Уставниот суд.

Партијата Die Heimat е првата партија на која ѝ е ускратена можноста за државно финансирање, а во исто време се укинати поволностите за донаторите на оваа партија.

Станува збор за поранешната Национал-демократска партија на Германија (НПД), против која беше воден процес за забрана пред Уставниот суд, кој беше отфрлен во 2017 година со образложение дека се работи за партија која постапува неуставно, но е премала за да може навистина да го загрози уставниот поредок.

Во исто време, Уставниот суд заклучи дека партијата не треба да се забранува, туку им остави на законодавците можност да воведат закон со кој ќе ѝ се овозможи на НПД, која се нарекува Die Heimat од 2023 година, да не добие финансирање.

Во 2019 година, Долниот дом на Бундестагот, Горниот дом на Бундесратот и владата поднесоа судска пријава за одземање на финансирањето на партијата откако беше променет германскиот Основен закон за да се спречи радикалните партии да добиваат државно финансирање на кое имаат право другите партии.

По откажувањето на финансирањето на партијата Die Heimat, во јавноста сега се разговара за можната примена на овој закон за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), чии делови, поради докажани неуставни активности, се под надзор на домашната тајна служба, т.е. Управа за заштита на уставниот поредок.

Пресудата внимателно се следи додека главните политичари се справуваат со тоа како да одговорат на порастот на поддршката за AfD, која моментално е втора по популарност во повеќето анкети, со поддршка од околу 22 отсто.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ја поздрави пресудата на Уставниот суд.

„Денешната пресуда испраќа јасна порака: Демократската држава не ги финансира непријателите на уставот“, порача Фезер.

„Одлуката доаѓа во време кога десничарскиот екстремизам е најголемата екстремистичка закана за нашата демократија“, рече министерката во соопштението за печатот. „Преземаме одлучни мерки против сите оние кои подготвуваат терен за насилство на десничарските екстремисти“, додаде таа.

Извештајот дека некои членови на AfD разговарале за политиките кои вклучуваат масовни депортации на луѓе од странско потекло на состанокот на десничарските радикали поттикна стотици илјади луѓе да излезат на улиците ширум Германија во знак на протест.

AfD соопшти дека плановите за „ремиграција“ не се партиска политика, но партијата веќе е класифицирана како крајно десничарска во три источни држави.

Некои германски политичари предложија можна забрана на AfD, негирање на нејзиното финансирање или лишување од права на некои поединци во партијата за да не можат да бидат избрани.

Слични содржини