На Косово пристигнаа уште 200 британски војници

од Vladimir Zorba
236 прегледи

Првиот контингент од 200 британски војници пристигна во петокот на Косово за да ја засили мировната мисија на силите на НАТО на Косово, односно силите на КФОР, соопшти Алијансата.

Војниците од првиот баталјон на кралскиот полк на принцезата од Велс му се придружија на британскиот контингент од 400 лица кои веќе се во Косово, откако романската влада на почетокот на неделава објави дека испраќа околу 100 дополнителни војници за поддршка на силите на КФОР.

„Ова распоредување е внимателен чекор за да се осигури дека КФОР ги има силите што му се потребни за да го исполни својот мандат на Обединетите нации за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово. Распоредувањето е засновано на барањето на врховниот командант на сојузничките сили за НАТО Европа и одобрено од сојузниците во Северноатлантската алијанса“, се вели во соопштението.

Се додава дека распоредувањето на дополнителни сили се случило по смртоносните настани на Косово на 24 септември и зголемените тензии во регионот.

Во селото Бањска, на северот на Косово, убиени се еден припадник на косовската полиција и тројца српски напаѓачи.

НАТО ја води мировната мисија на Косово од 1999 година, во согласност со мандатот според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Силите на КФОР во моментов се состојат од повеќе од 4.500 војници од 27 сојузници и партнери на НАТО.

Слични содржини