На Манчестер му е преку глава од однесувањето на Роналдо, против Челзи без него

од Nikola Popovski

На два дена пред саботниот натпревар од новото коло во Премиер лигата, познато е дека Кристијано Роналдо нема да се најде во протоколот на дербито меѓу неговиот Манчестер Јунајтед и лондонскиот тим.

„Кристијано нема да биде дел од тимот за натпреварот против Челзи. Остатокот од тимот е фокусиран на подготовките за натпреварот“, беше кратко наведено во денешното соопштение за медиумите на клубот од „Олд Трафорд“.

Незадоволството во односот играч – тренер – управа трае веќе подолго време, дури цело лето се зборуваше за сигурна разделба меѓу „CR7“ и „црвените ѓаволи“, а причина за ваквата реакција на клубот е произволното заминување на Роналдо во соблекувалната пред крајот на натпреварот со Тотенхем.

Камерите го снимија незадоволниот Роналдо како станува од клупата и, веројатно бесен што не влегол во игра, го напушта теренот.

Менаџерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг потоа избегна директен одговор на прашањето дали дозволил Роналдо да си замине додека неговите соиграчи се уште настапувале.

„Го видов, но не разговарав со него за тоа. Ќе разговараме. Сега ја славиме победата. Не сакам да зборувам за тоа сега, ќе разговараме утре. Би сакал да го задржам фокусот на тимот и одличниот настап на сите 11 играчи и резерви. Тоа беше тимски настап“, изјави Холанѓанецот по споменатиот триумф.

Инаку, ова не е првпат Роналдо под водство на Тен Хаг да напушти натпревар пред самиот крај. Тој го направи истото на полувремето од пријателскиот натпревар против Рајо Ваљекано, откако беше заменет.

Слични содржини