На Островот без бензински и дизел автомобили од 2030 година

од Vladimir Zorba
283 прегледи

Британскиот премиер Борис Џонсон следната недела планира да објави забрана за продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2030 година, пет години порано од првично планираното, пишува денес „Фајненшл тајмс“.

Велика Британија првично планираше да забрани продажба на нови бензински и дизел мотори од 2040 година, како дел од напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови, а во февруари Џонсон го префрли тој рок до 2035 година, потсетува ФТ, пренесува Ројтерс.

Весникот наведува, повикувајќи се на неименувани извори од автомобилската индустрија и владата, дека премиерот сега има намера тој рок да го премести повторно – во 2030 година, во говорот за еколошката политика што треба да се одржи следната недела. И британскиот јавен сервис (Би-Би-Си) објави слична вест за таков план претходно денес, без да наведе извори.

Портпаролот на Даунинг стрит одби да ги коментира извештаите од двата медиуми или содржината на претстојниот говор на Џонсон.

ФТ изјави дека новиот рок не се очекува да важи за хибридните автомобили кои имаат мешан погон – електрични и фосилни горива – и дека тие можат да продолжат да се продаваат до 2035 година.

Податоците од автомобилската индустрија покажуваат дека бензинските и дизел возилата учествуваат со 73,6 проценти во вкупната продажба на нови автомобили оваа година, додека сите електрични возила, кои обично се поскапи, учествуваат со само 5,5 проценти од продажбата. Остатокот од продажбата се состои од хибридни возила од разни видови.

Слични содржини