Во чест на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ од Кочани, моментално на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје се одржува граѓански собир, на кој се присутни голем број на граѓани.
Собирот е во организација на Граѓанската иницијатива „Кој е следен“.
„Македонија повторно е завиена во црно. Уништени и во грч седиме пред екраните во исчекување на нова поголема бројка, во исчекување на нова поголема тага. 59 млади лица не го видеа денешниот ден. Дупло повеќе се во болници и тешко повредени. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме еден на друг утеха, ако воопшто и можеме. ,,Кој е следен?” повикува на заедништво во ужасов. Ги повикуваме сите луѓе низ цела Македонија, утре во 18:00 часот да се соберат на плоштадите од своите градови и да не поминуваат низ ова сами. Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Тек допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така ќе треба и Македонија заедно да се лечи.
Изразуваме длабоко сочувство до фамилиите и нека им почиваат души во мир, објавија вчера од ова Иницијатива, при повикот за денешниот собир.
ФОТО: ЛОКАЛНО.МК