Денеска во Москва се одржа големата воена парада по повод Денот на победата и 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија. Настанот привлече внимание не само поради воената моќ демонстрирана на Црвениот плоштад, туку и поради политичките импликации од присуството на некои меѓународни лидери, особено словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше единствениот лидер од Европската Унија што присуствуваше на парадата.
И покрај предупредувањата од Брисел, Фицо отпатува во Москва, на пат исполнет со логистички предизвици – откако балтичките земји го затворија својот воздушен простор за неговиот авион, тој беше принуден на подолго патување преку Унгарија, Романија, Црното Море и Грузија.
На парадата присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Вучиќ и Фицо се сретнале вечерта пред парадата, а српскиот претседател средбата ја нарече „братска“.
Воената парада беше импресивна по бројност – околу 11.500 руски војници маршираа на плоштадот, придружени од повеќе од 130 единици воена техника. За прв пат јавно беа прикажани борбените беспилотни летала „Лансет“, „Геран-2“, „Орлан-10“ и „Орлан-30“, кои се користат во војната во Украина.
Покрај регионалните лидери, на парадата присуствуваа и неколку меѓународни гости, меѓу кои кинескиот претседател Си Џинпинг, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, како и лидерите на Туркменистан, Таџикистан, Куба, Венецуела, Виетнам и Буркина Фасо.
Остро неодобрување од ЕУ и Полска
Присуството на Фицо и Вучиќ на парадата беше остро критикувано во Европската Унија, особено во контекст на руската агресија во Украина. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека „е срамно да се биде на парада во Москва и да му се аплаудира на Путин“.
Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, со остра критика се осврна на словачкиот премиер: „Како можете да застанете покрај човекот кој ја започна оваа војна, со толку многу непотребни смртни случаи и страдања на невини луѓе? Вие сте на погрешната страна од историјата.“
Францускиот претседател Емануел Макрон пак, коментираше подипломатски, изразувајќи сомнежи во исправноста на ваквиот чекор, но не и директна осуда.
Во меѓувреме, Франција и Полска потпишаа договор за зајакнување на соработката во одбраната и енергетиката, вклучително и заемна помош во случај на воена закана – јасен сигнал за нивната посветеност на заедничката европска безбедност.