На поранешниот министер Јетон Шаќири му смета светите браќа Кирил и Методиј да бидат на насловна на учебник

од Milan1
160 прегледи

Поранешниот министер за за образование, Јетон Шаќири, реагира до коалицијата Влен дека дозволиле верски мотиви, односно светите браќа Кирил и Методиј да бидат на насловната страна по учебникот за историја.

„Дали се согласувате вашето дете утре да го започне часот со оваа корица? Слугите веројатно ќе го прават тоа, но родителите кои сакаат фер образование за своите деца треба добро да размислат. Потсетуваме дека оваа книга доаѓа откако како министер ја отстранив од употреба претходната книга поради навредлива содржина. Што се однесува до содржината на книгата и за тоа ќе пишуваме. Влен никој не ги прашува… очекувано прифаќаат сѐ што им сервираат господарите на наша штета. Бесрамно вакво нешто ставаат во програмата“, реагираше Шаќири на социјалните мрежи.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека она што вчера тој го објавил претставува ширење на етничка и верска нетрпеливост.

– Едноставно не знам што да одговорам на ова прашање. Всушност, знам очај и преголем срам. Не можам да сфатам како претходен министер за образование, интелектуалец, професор на факултет, може да си дозволи да искаже такво нешто. Малку беше етничка, сега ни треба и верска нетрпеливост и раздвојување на народот. Кирил и Методиј со своето грандиозно дело ги прифатиле цел свет. Значи, тие се копатрони на Европа, тие се основоположници на описменувањето на една третина од светот, тие се учители во суштинското значење на зборот. Секој ученик, секој жител на оваа држава треба да знае кои се Кирил и Методиј. Но, како одговор на она што го напишал министерот на сликата се и Мурат Втори, Скендербег и други значајни личности од тоа време кои живееле во периодот на Византија. Верската основа не може да биде причина за да се намали грандиозното дело на двајца светски познати луѓе. Се надевам дека министерот ќе размисли уште еднаш и ќе го повлече она што го направи оти она што вчера го објави претставува ширење на етничка и верска нетрпеливост. Напротив, оваа Влада се труди да направи заедништво и меѓу учениците и меѓу целото население и ние ќе продолжиме во тој правец, изјави министерката.

Слични содржини