На повидок голем пресврт: Можен договор меѓу американските власти и основачот на „Викиликс“?

од Nikola Popovski
292 прегледи

Амбасадорката на САД во Австралија, Керолин Кенеди, навести дека би можело да има договор за признавање вина меѓу Џулијан Асанж и американските власти што би можело да ја прекине американската потера по основачот на Викиликс и да му дозволи да се врати во Австралија.

На прашањето на „Sunday Morning Herald“ дали е можно САД и Австралија да постигнат дипломатски договор за Асанж, Кенеди рекла дека „случајот е во тек“ и дека Министерството за правда се занимава со тоа.

Всушност тоа не е дипломатско прашање, но мислам дека може да има решение, рекла Кенеди во интервју за австралискиот весник.

Таа ја коментирала изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека обвинувањата против Асанж се сериозни и дека тој ја загрозил националната безбедност на САД со објавувањето доверливи информации.

Сепак постои начин да се реши тоа, потенцирала американската амбасадорка.

Габриел Шиптон, брат на Џулијан Асанж, изјавил дека „Керолин Кенеди не би ги кажувала овие работи доколку не сака излез од оваа ситуација“.

Асанж, австралиски државјанин затворен во Велика Британија, се бори против екстрадиција во САД, каде што се бара по 18 обвиненија за објавување доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми кои откриваат воени злосторства извршени од американските сили.

Слични содржини