На раб на нов шок: Цената на нафтата силно осцилира, најскапа е од 2022 година

Цените на нафтата минатата недела благо пораснаа, но во текот на неделата значително осцилираа, во зависност од тоа дали вестите укажуваа на смирување или ескалација на кризата на Блискиот Исток

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Гардијан

На лондонскиот пазар цената на барел минатата недела порасна за 0,3 проценти, на 112,57 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 1,3 проценти, на 99,64 долари. Тоа се највисоките нивоа од јули 2022 година, кога пазарот беше потресен од војната меѓу Русија и Украина. Во последните недели, пак, цените на високите нивоа ги одржува кризата на Блискиот Исток.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела порача дека Иран мора да прифати договор за завршување на војната или нападите од САД и Израел ќе бидат уште поинтензивни. Иран, пак, порача дека американскиот предлог за прекин на борбите е „едностран и неправеден“ и, со ретки исклучоци, сè уште не дозволува премин на танкери низ Ормутскиот Теснец, што ја одржува цената на нафтата на високи нивоа.

Трамп во четвртокот повторно го помести рокот што му го постави на Иран за отворање на Ормускиот теснец, овој пат за 10 дена. Доколку дотогаш теснецот не биде отворен, САД ќе ја нападнат иранската енергетска инфраструктура. Техеран, пак, инсистира дека теснецот не е затворен и дека транзитот е дозволен за бродови од „пријателски земји“.

„Блокадата на Ормускиот теснец досега ‘исфрли’ од пазарот околу осум милиони барели нафта дневно, а во ризик е и многу поголема количина, па премијата за геополитички ризик веројатно нема значително да се намали“, пишуваат аналитичарите на ИНГ, Ева Мантај и Ворен Патерсон, во осврт на состојбата на пазарот.

Сè на сè, и оваа недела, велат аналитичарите, се очекува неизвесно тргување, а цените ќе зависат од тоа дали вестите за кризата на Блискиот Исток ќе укажуваат на смирување или заострување на ситуацијата. Главно поради кризата во регионот, цените на барел на лондонскиот пазар од почетокот на годината пораснале за повеќе од 80 проценти, а на американскиот пазар за речиси 75 проценти.