Одборот на гувернери на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го суспендираше пристапот на Русија и Белорусија до финансиските ресурси и експертизата на ЕБОР, соопштија денеска од таа банка.
„Одборот на гувернери на ЕБОР одобри строги мерки против Руската Федерација и Белорусија по инвазијата на Украина. Официјалното суспендирање на пристапот на Руската Федерација и Белорусија до ресурсите на Банката треба веднаш да стапи на сила. Тоа значи дека нема да има ново финансирање на проекти или активности на техничка соработка со ниту една од тие две земји“, се наведува во соопштението на таа финансиска организација, пренесува ТАСС.
ЕБОР, исто така, „ги задржува сите права да ги суспендира или откаже понатамошните исплати за постоечките проекти“, се додава.