На два дена до истекот на рокот на СЈО, во собранието ќе бидат доставени старо – новите закони

од desk3

 

Предлог законите за Специјалното јавано обвинителство,  од утре во собраниска процедура. Од СДСМ потврдија дека ќе ги достават до сите  пратенички групи.  Тоа се старите закони кои беа одбиени од претходното владејачко мнозинство. 

Се предлага Предлог – закон за измеување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои  произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, во скратена постапка.

 

Во актуелното законско решение  краен рок за покренување обвинение е предвидено следното „јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“, а тоа е 30 јуни, 2017.

Во предложеното законско решение кое беше доставено во септември до собранието, а за кои СДСМ велат дека се истите,  се предвидува следното:

„Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за незаконско следење на комуникациите ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да се запре истражната постапка, односно во рок од 12 месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување на истрага. Ако истражната постапка не заврши во рок од 12 месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување на истрага, јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за незаконско следење на комуникациите е должен за тоа да го извести јавниот обвинител на Република Македонија, кој може тој рок да го продолжи за уште шест месеци.”

Во Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на сведоци се наведува:

„Со донесувањето на овој закон ќе се обезбеди целосна имплементација на начелото на автономија на јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, уредено со членот 6 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Службен весник на РМ, бр. 159/15), односно ќе се обезбедат услови јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите да има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во законското образложение.

Слични содржини