На „црната листа“ на ЕУ ќе има 31 функционер од Белорусија

од Vladimir Zorba
102 прегледи

Европската унија има намера да воведе економски санкции против 31 висок белоруски функционер, вклучително и министерот за внатрешни работи на земјата, до средината на септември, изјавија тројца дипломати на ЕУ како одговор на изборите на 9 август, за кои Западот проценува дека биле наместени, пренесува Ројтерс.

„За скоро еден месец масовни демонстрации против изборните резултати, во кои претседателот Александар Лукашенко победи со цел да го продолжи своето 26-годишно владеење, ЕУ има намера да ги казни владините активности и да ги поддржи повиците за нови избори. Првично се согласивме за околу 14 имиња, но многу држави сметаа дека тоа не е доволно. Сега постигнавме консензус за уште 17“, соопшти дипломат на ЕУ за агенцијата.

„Ова се високи функционери одговорни за избори, насилство и репресија“, додаде тој.

Министрите за надворешни работи на ЕУ дадоа политичко одобрување за санкциите – забрана за патување и замрзнување на имотот.

Грција и Кипар, кои се залагаат за одделни санкции против Турција во источниот медитерански спор, сè уште не ја поддржуваат „црната листа“ на Белорусија.

Сите 27 земји на ЕУ мора да се договорат за ваквите мерки, а Атина и Никозија би можеле да ја искористат поддршката за белоруската „црна листа“ за да се воведат остри мерки кон Турција, рекле дипломати, додавајќи дека имињата сепак можат да бидат додадени или отстранети од списокот.

Формалниот договор најверојатно ќе биде на 21 септември, кога ќе се одржи следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Санкциите ќе стапат на сила на 22-ри септември. Литванија, Летонија и Естонија наметнаа свои санкции кон белоруските власти кон крајот на август.

Дипломатите на ЕУ одбија да кажат колку се блиски балтичката и ЕУ листа, од страв да не ги предупредат засегнатите службеници да префрлаат средства од банките. Белорускиот министер за внатрешни работи Јуриј Караев и неговиот заменик се очекува да бидат на списокот на ЕУ, заедно со изборни комисии, претставници за безбедност и правда, како и министри.

За разлика од балтичките листи, Лукашенко нема да биде санкциониран. Германија, која е претседател на ЕУ, сака повеќе време за дијалог и ја остава можноста за внесување на името на претседателот во подоцнежна фаза.

ЕУ, која има ембарго за вооружување кон Белорусија, ги олесни економските санкции кон Белорусија во 2015 година, кои за првпат беа воведени во 2004 година, барајќи подобри односи со Лукашенко, но сега се надева дека ќе се пристапи кон брзо воведување на таканаречени рестриктивни мерки.

ЕУ, како и НАТО и САД, беше претпазлива премногу брзо да ги казнува белоруските официјални лица за можна провокација на руска интервенција, имајќи предвид дека Белорусија е најблискиот сојузник на Русија од сите поранешни советски републики.

Лукашенко и се закани на ЕУ дека ќе возврати ако се воведат какви било санкции кон Белорусија.

Слични содржини