Полни се полициските билтени. Не поминува ден без семејно насилство. Но насилниците не живеат на пуст остров. Сè додека си велиме, бегај од бељата, не сакам да се мешам, ние сме одговорни за овие состојби. Во првите три месеци од годината регистрирани се 391 жртва на семејно насилство. Надлежните апелираат за зголемена превенција и подобра институционална заштита. За невладините организации, овие бројки се алармантни, но не се изненадувачки. Секоја бројка зад која стои човечка судбина е повик за акција. Но, според Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, реалната бројка на жртви е уште повисока, бидејќи многу жени не пријавуваат поради страв, недоверба во институциите или социјална осуда.
-Неопходна е суштинска реформа во системот, од руралните подрачја до урбаните средини се со цел навремено препознавање на насилството, ефективна заштита и поддршка за жртвите. Апелите за „превенција“ мора да се преточат во конкретни мерки: едукација во училиштата, континуирана обука на професионалците од релевантните институции и достапни, квалитетни специјализирани сервиси за жените жртви на насилство, велат оттаму за „Локално“.
Нападите на градоначалничката Данела Арсовска покренаа лавина коментари за тоа како институциите постапуваат по пријава за напад, прво над жена, а потоа над функционер. На прашањето дали повторно затаија институциите во овој случај, од невладината организација истакнуваат дека институциите покажаа неспособност и неблаговременост во постапувањето при напад врз жена, па дури и кога таа е јавна функционерка.
-Овој напад не е изолиран инцидент, туку дел од еден поширок тренд на деградација, закани и напади врз жени, особено оние кои се активни во политичкиот и јавниот живот. Наместо навремена и решителна реакција, сведочевме на задоцнети и нејасни институционални постапки, кои оставаат простор за неказнивост. Токму ваквите случаи ја отсликуваат ранливоста на жените во јавната сфера и недоволната заштита што ја добиваат, дури и кога обавуваат јавна функција. Тоа отвора сериозни прашања за довербата во институциите и нивната способност да обезбедат еднаков третман и заштита за сите граѓани, објаснуваат од Националната мрежа.
Минатата недела нова трагедија ја потресе Македонија откако прилепчанец застрела внук и неговото дете (11). Според информациите, истиот тој вршел и семејно насилство во своето семејство, но реакции од институциите немало. Повторно се покренаа прашањата за „прогледувањето низ прсти“ на семејното насилство. Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство велат оваа трагедија уште еднаш покажува колку е опасно кога институциите не постапуваат навремено и ефикасно по пријавите за семејно насилство.
-Според досегашните информации за кои сме информирани преку медиумите, сторителот претходно вршел семејно насилство врз жена од своето семејство односно неговата сестра и најверојатно сето ова било поврзано со економски прашања и поделба на имотот. Во овој контекст, иако директните жртви во конкретниот случај се маж и дете, сепак причината за насилството е тесно поврзана со негирањето на правата на жената, особено нејзиното право на имот и наследување, што претставува форма на родово базирано економско насилство… Ако навремено се постапеше при првите пријави за семејно насилство, можеби ќе се спречеше ова злосторство. Додека институциите не почнат да го препознаваат и санкционираат родово базираното насилство како приоритетен безбедносен проблем, ќе продолжиме да ги броиме трагични последици, додаваат од невладината организација.
Запрашани дали измените на Кривичниот законик, со кои телесна повреда во семејно насилство ќе се гони по службена должност, ќе помогнат во решавањето на проблемот, оттаму велат дека оваа измена е позитивен чекор, но не е доволен.
-Гонењето по службена должност ќе го намали товарот на жртвата, која често под притисок, страв или економска зависност се откажува од кривичниот прогон. Но, доколку оваа измена не биде проследена со континуирана обука на јавните обвинители, полицијата и судиите, ризикуваме да остане само на хартија. Потребно е целосно усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција, воведување на нови кривични дела посебно во контекст на новите дигитални алатки и брзиот развој на технологијата како и градење на систем кој ќе ја става жртвата во центарот на заштитата, потенцираат од Националната мрежа.
Невладината организација потенцира случаите како нападот врз градоначалничката Арсовска и трагедијата во Прилеп не смеат да се третираат како изолирани инциденти, туку како алармантни сигнали за постоењето на толеранција кон насилството и длабоко вкоренета родова и општествена нееднаквост.
-Иако формално постојат механизми за заштита, нивната примена е селективна, закаснетата и често неделотворна. Жените остануваат небезбедни како во домот, така и на улица, во институциите и при вршењето на јавните функции, а тоа е показател дека институционалниот одговор сè уште ја нема достигнато својата суштинска цел. Образованието за родова еднаквост, навремената и доследна заштита, како и јасната јавна осуда на секој облик на насилство, се нужни елементи за градење на средина во која вакви трагедии нема да се повторат, советуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Н.П.