Националниот парк „Шар Планина“ започна акција за поставување електрични огради во неколку села во високите предели на планината, со цел да се заштити добитокот и пчеларниците од диви месојади како мечки и волци. Оваа иницијатива е дел од одбележувањето на Светскиот ден на животната средина.
Оградите се поставени кај пет сопственици на фарми и пчелари во селата Бозовце, Вешала, Вејце и Шипковица. Според Националниот парк, ваквите огради се докажана и ефикасна мерка која се користи во земјите од Европската Унија за да се намалат штетите предизвикани од големите месојади и да се избегнат конфликти помеѓу луѓето и дивината.
Анела Ставревска Панајотова, раководителка на одделението за заштита на природата при Националниот парк, посочи дека во село Бозовце електричната ограда се поставува токму на фарма каде пред две години мечка беше заплеткана во оградата. Таа истакна дека соработката помеѓу сопствениците и паркот носи конкретни резултати за подобар соживот помеѓу локалното население и дивите животни.
Во рамките на Шар Планина живеат околу 16.000 до 17.000 жители во 25 села, а поширокиот регион има уште поголем број население. Планината претставува важен природен штит за луѓето од пожарите, поплавите, ерозијата и други природни опасности, но и клучен елемент во зачувувањето на богатството од растителни и животински видови.
Шар Планина е дом на речиси две третини од флората на Македонија, со над 2.000 видови растенија, меѓу кои повеќе од 200 се балкански и локални ендемити кои не се среќаваат никаде другаде во светот. Богатството на природата овозможува традиционално сточарство, земјоделство и пчеларство, што се важни за животот на локалното население.