Повеќе од 10.000 хотели низ Европа се приклучија на заедничка тужба против платформата за онлајн резервации Booking.com.
Во тужбата се тврди дека компанијата со години ја ограничувала можноста на хотелиерите да нудат пониски цени за своите услуги на други продажни канали, вклучително и на сопствените веб-страници.
Според тужителите, ваквите практики се во спротивност со прописите на Европската Унија.
Групната тужба ја поднесе европското здружение на хотелската индустрија Hotrek, објави NL Times.
„Европските хотелиери со години страдаат поради нефер услови и прекумерни трошоци. Сега е време заедно да се бориме за обештетување“, рече претседателот на организацијата, Александрос Василикос.
Дополнително, холандската организација за заштита на потрошувачите Konzumentenbond објави паралелна масовна тужба во име на гостите кои потенцијално биле оштетени.
Во првата недела од поднесувањето, околу 180.000 потрошувачи изразија подготвеност да се приклучат на тужбата.
Booking.com, со седиште во Амстердам, ги отфрли обвинувањата во јули, велејќи дека тие се погрешно толкување на претходните судски одлуки.
Портпаролот на компанијата рече дека е „апсолутна бесмислица да се тврди дека Booking вештачки ги зголемил цените“.
Европскиот суд на правдата минатата година пресуди дека таканаречените клаузули за паритет на цените – кои им забрануваат на хотелите да нудат пониски цени надвор од платформата на Booking.com – се непотребни и потенцијално штетни за конкуренцијата.
Компанијата вели дека ваквите клаузули не се автоматски нелегални, но Booking оттогаш ги отстрани од своите европски операции.