Контингент од 201.200 дози кинески вакцини „Синофарм“ пристигна утрово во Црна Гора.
Вакцините на аеродромот во Подгорица ги пречекаа кинескиот амбасадор Лиу Џин и министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ.
Кинескиот амбасадор рече дека задачата за превенција и сузбивање на Ковид-19 во Црна Гора е сè уште тешка и дека секој дава се од себе во борбата против пандемијата.
„Наскоро доаѓа туристичката сезона, што е многу важно за економското закрепнување на Црна Гора. Се надеваме дека денешните вакцини ќе бидат од голема корист за земјата. Апелираме до сите други страни што е можно поскоро да и помогнат на Црна Гора“, рече Лиу.
Тој посочи дека кинеската помош за Црна Гора е искрена и со длабоко пријателство и не претставува никаков вид малигни практики.
„Преку оваа помош и соработка, кинеската страна се надева дека Црна Гора ќе ги надмине тешкотиите на развојниот пат“, додаде кинескиот амбасадор, пренесува „Вијести“.