Речиси четири и пол милиони тони жито се блокирани во украинските пристаништа и не може да се извезуваат од земјата, изјави за ДПА директорот на германскиот огранок на Светската програма за храна, Мартин Фрик.
Тој посочи дека таа количина нема да може да се искористи, бидејќи моментално е блокиран излезот на бродовите од пристаништето, иако на светот итно му е потребно украинско жито.
-Гладот не треба да биде ниту воено, ниту економско оружје, рече Фрик, додавајќи дека е неопходно да се обезбеди храна за народот на Украина и да продолжи да се снабдува другите земји со жито за да се ублажи светската криза, пренесува Би-Би-Си.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска вети помош на земјите кои поради ситуацијата во Украина би можеле да се соочат со недостиг на храна.
-Мораме да се грижиме за фактот дека ќе има такви што ќе гладуваат, дека ќе има земји кои повеќе нема да можат да обезбедат доволно леб за своите граѓани и дека оваа војна ќе предизвика глад во светот. Нема да ги оставиме сами, ќе им помогнеме, рече Шолц.
Фото: Depositphotos