Над 400 милиони ученици ширум светот ја пропуштија наставата поради екстремни временски услови во последните 2 години

од Vladimir Zorba
67 прегледи

Новата учебна година започна – а училниците, салите и дворовите на училиштата низ Македонија се уште се жешки по три месеци рекордни летни температури.

Во земјава има многу малку училишта кои се опремени со климатизирани училници, па условите за работа низ државата се „пеколни“ и за учениците и за наставниците.

Едно решение, кое не беше спроведено во Македонија, беше да се одложи почетокот на учебната година. Дури и неговото одложување само за следната недела, од 9 септември, можеше да помогне бидејќи според метереолозите се очекува максималните дневни температури да паднат до околу 30 °C (што, да се разбереме, е сè уште екстремно топло, но не и неподносливо).

Секако, сега е доцна за ваква одлука, а учениците, наставниците и училишниот персонал ќе мора да се снаоѓаат барем уште неколку дена како што знаат: вентилатори, часови надвор…

Сепак, затворањето на училиштата поради екстремните временски услови стануваат се почести ширум светот, се вели во новиот извештај за образованието објавен од Светска банка.

Како што се наведува во извештајот и во пропратното соопштение, иако е релативно честа појава, привременото затворање на училиштата е исклучително тешко да се следи, особено на меѓународно ниво, бидејќи не постои систематизиран метод на следење и статистика за бројот на изгубени денови.

Сепак, врз основа на истражувања и проценки, во извештајот се наведува дека само во периодот од јануари 2022 година до јуни 2024 година, дури 404 милиони деца ширум светот пропуштиле часови поради екстремни временски услови.

Најмалку 81 земја во светот спроведе барем една мерка за прекин на наставата во овој период, најчесто поради поплави, бури и топлотни бранови.

Во просек, земјите изгубиле дури 28 наставни дена на овој начин во овој период, иако вкупниот просек не ја кажува целата приказна: посиромашните во просек изгубиле 45 дена, а побогатите само 6.

Иако одложувањето на почетокот на учебната година може да ни го олесни животот оваа година, прекинот на наставата е само привремено решение – знак на немоќ пред опасностите предизвикани од климатските промени. Но, постојат и вистински решенија.

Во извештајот на Светска банка се наведени голем број мерки, практики и нови правила кои би им помогнале на училиштата ширум светот, од систем за рано предупредување (кој би овозможил навремени реакции од надлежните органи), преку инфраструктурни решенија, реновирање, разни системи за ладење, информации, па дури и организација на часови на далечина.

Според Светска банка, проценетиот просечен трошок за ваквите мерки е нешто над 18 американски долари по дете – и тоа како еднократна инвестиција. Секако, реалната цена зависи од огромен број локални фактори, па за нас во Македонија ваквите проценки не кажуваат многу.

Слични содржини