Надлежните сметаат: Затворањето на угостителските објекти добра превентива пред празниците

421 прегледи

Постојат места каде мерките за заштита од Ковид 19 не се почитуваат. Оттаму целосниот локдаун за угостителските објекти е добра мерка, особено сега, кога неспоредно сме пред големите празници кои се празнуваат во земјава, велат надлежните.

„Мислам дека е добра ваква мерка во пресрет на празниците. И тоа беше главниот концепт околу кој дискутиравме – дали треба да имаме радикална мерка и сериозно да го намалиме притисокот пред некои настани кои се сериозен ризик, а по две недели можеби за угостителските објекти некои други препораки. Сепак, искуството покажа дека тоа се места каде и покрај тоа што има препорачани мерки, дистанца, сепак има групирање и непочитување на тие превентивни мерки. И затоа е таа препорака. Сакаме на некој начин, да го намалиме притисокот кон здравствениот систем“, посочи министерот за здравство, Венко Филипче.

Според директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, и по една година од пандемијата, се уште има угостители, но и граѓани кои не ги почитуваат протоколите.

Инспекциските служби од 29 март од 4 април спровеле вкупно 5.236 надзори и контроли.  Само пазарните инспектори извршиле над 4.500 контроли и надзори при што изрекле 34 прекршочни пријави, 91 решение и 43 платни налози. Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколите, два во Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово. Во овие угостителски објекти не се почитувало работното време или бројот на гости, односно ограничувањето на гости на една маса. Во сите случаи е изречена забрана за вршење дејност, односно тие се затворени на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози.

 

Слични содржини