Цените на нафтата денеска пораснаа трета трговска сесија по ред поради неизвесностите поврзани со глобалното производство, кои се закануваат дополнително да ја затегнат пазарната понуда.
Членовите на нафтената алијанса ОПЕК + треба да се состанат оваа недела за да разговараат за ситуацијата со снабдувањето.
Цената на северноморската нафта од типот „брент“ порасна за 1,18 отсто на 116,5 долари за барел, претпладнето до 7 часот и 41 минути по локално време, а американската нафта WTI зајакна за 1,02 отсто на 110,8 долари за барел, покажуваат податоците на порталот OilPrice.
Либија има се повеќе проблеми со извозот на „црното злато“ поради влошувањето на политичката криза, додека антивладините протести во Еквадор се закануваат да го прекинат производството во таа поранешна членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), пренесе „Блумберг“.
Секое нарушување на снабдувањето може да се прошири како концентрични кругови на глобалниот пазар на нафта, кој, под притисок на силната побарувачка, е поттикнат од економското закрепнување и затегнатите трговски текови од Русија по нејзиниот напад врз Украина.
Некои членки на групата ОПЕК +, која ја сочинуваат земјите од ОПЕК и нивните сојузници на чело со Русија, не ги исполнуваат целите за производство за оваа година, што ја влошува состојбата на пазарот.
Ограничени се и изгледите за дополнително зголемување на понудата на двата клучни производители во ОПЕК, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Францускиот претседател Емануел Макрон му го пренел на американскиот колега Џо Бајден разговорот што го имал со владетелот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед, кој го информирал дека Емиратите и Саудиска Арабија веќе испумпуваат речиси онолку нафта колку можат.
Министрите на ОПЕК + ќе се состанат во четврток.