Награда за Макстил за компанија со најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа

од Vladimir Zorba
185 прегледи

Макстил е годинешниот добитник на Националната награда за компанија со најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа. Наградата ја доделува Министерството за труд и социјална политика и Националниот совет за безбедност и здравје при работа врз основа на имплементирани активности и спроведени инвестиции за заштита на вработените во производниот процес во текот на изминатата година. Оваа награда се доделува на компании коишто се истакнале со своите активности во делот на безбедноста и здравјето при работа.

„Макстил е компанија каде што безбедноста на вработените е секогаш приоритет број еден, независно од околностите во кои работиме. Сериозноста со која пристапуваме кон ова прашање придонесува постојано да применуваме нови практики, процедури и протоколи во технолошко-производниот процес и континуирано да инвестираме во нова опрема со што уште повеќе се зголемува безбедноста при работа. Оваа награда е потврда за нашите континуирани активности насочени кон значењето, улогата и неопходното унапредување на безбедноста и здравјето при работа на нашите вработени“, истакна Марија Дуковска Павловска, генерална директорка на Макстил.

Само во изминативе 3 години Макстил преку инвестициски вложувања за подобрување на условите за работа реализираше проекти за нови кабини за оператори со подобрен пристап на сите дигалки, поставена беше инсталација на сигурносни линии за безбедно движење и работење на височина (на дигалкарски патеки), нови платформи кои се користат при работните активности, а беше воспоставен и комплетно нов систем за вентилација во работилницата за подготовка на валци и подобрени се условите за хигиена со поставување нови соблекувални и туш кабини.

Покрај инвестициите во производството, воведен е и проект за дополнителна мотивација на вработените во примена на новите практики за што следат и соодветни награди.

Доделувањето на годишната награда е по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа и се спроведува со поддршка од Канцеларијата на „Friedrich Ebert“ „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Слични содржини