Награда за мир за Ципрас поради Преспанскиот договор

од Nikola Popovski
105 прегледи

„Потребата да се задржи моментумот создаден за европската перспектива на регионот со Договорот од Преспа“, изјавил поранешниот грчки премиер и екс-претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас при добивањето на Наградата за мир од од грчката Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација, која му била доделена токму за заслугите поради склучување на Договорот од Преспа.

Притоа осврнувајќи се на меѓународната позиција на Грција, тој истакнал дека „потребно е повеќе од кога било Грција да се врати на надворешна политика која ја консолидира својата позиција како главен столб на мирот и стабилноста во регионот, наместо да ја бара опасната улога на напредната станица на Западот“.

Осврнувајќи се на Договорот од Преспа, тој рекол дека е потребно „почитување на Договорот од неговиот нов политички и државен врв. Не смееме да дозволиме Балканот да стане неконтролирана арена на конкуренција на моќ. Не смееме да дозволиме национализмот уште повеќе да биде присутен во регионот. Договор кој е модел за решавање спорови за Западен Балкан, бидејќи докажа дека постои начин за заемно прифатливи решенија кои ги бранат националните интереси и истовремено промовираат мир“.

Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој му стави крај на спорот кој траеше повеќе од четврт век, и  поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и се наоѓа пред почеток на пристапните преговори со ЕУ. Беше потпишан од тогашната партија на власт Сириза од грчка страна и СДСМ од македонска страна, а го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Ципрас.

На потпишувањето присуствуваа и посредникот во преговорите Метју Нимиц, екс комесарот за проширување Јоханес Хан и други високи меѓународни претставници на двете земји и од ЕУ.

Покрај меморандумите, грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон Северна Македонија. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите.

Слични содржини