Mitsubishi со затемнета тизер слика најави дека следната година ќе понуди електричен SUV модел со цел да ја прошири својата европска понуда.
Неговото име се уште не е откриено, но се претпоставува дека ова всушност ќе биде верзијата на Mitsubishi на новиот Scenic E-Tech на Renault, благодарение на партнерството меѓу двата производители.
Секако, ќе има некои визуелни разлики во предниот дел и во внатрешноста. Предниот дел на новиот теренец на Mitsubishi треба да добие изглед инспириран од концептот XFC.
Производството би требало да се одвива во фабриката на Renault на северот на Франција, додека другите детали допрва ќе следат.
Сепак, со оглед на карактеристиките на Renault Scenic E-Tech (има CMF-EV архитектура како Megane E-Tech и Nissan Ariya), еве што можеме да очекуваме. Scenic E-Tech е долг 4470 mm, широк 1864 mm и висок 1571 mm, со меѓуоскино растојание од 2785 mm.
Почетниот Scenic E-Tech добива електричен мотор со 125 kW/170 КС и 280 Nm вртежен момент, како и батерија од 60 kWh што овозможува опсег на WLTP од 418 km. Топ варијантата има помоќен електричен мотор со 160 kW/218 КС и 300 Nm вртежен момент, заедно со поголема батерија од 87 kWh за опсег од 610 km.