Најавен првиот Jeep на батерии

од Vladimir Zorba
391 прегледи

Групацијата Stellantis, која ги вклучува Abarth, Alfa Romeo, Chrysler, Citroën, Dodge, DS Automobiles, Fiat, Jeep, Lancia, Maserati, Opel, Peugeot и Ram, ја објави својата глобална деловна стратегија која го опфаќа периодот до крајот на оваа деценија. Амбициозниот план наречен „Dare Forward 2030“ се врти околу идејата за декарбонизација на бизнисот и електрифицирање на понудата на возила, со крајна цел – правење бизнис со нето нула емисии на јаглерод до 2038 година.

Целата групација Stellantis ќе мора да претрпи трансформација на бизнисот и размислувањето, најави нивниот извршен директор Карлос Таварес. Првиот чекор кон нето нула емисии ќе биде нивно намалување за 50% до 2030 година, а до истиот рок целосно ќе се промени понудата на возила од овој концерн. Така, до крајот на деценијата во Европа ќе продаваат исклучиво електрични возила со батерии, додека во САД нивниот удел во тој период ќе достигне 50%.

За да го реализира овој план, Stellantis до 2030 година на пазарот ќе треба да понуди дури 75 модели на 100% електрични автомобили, а дотогаш очекуваат да продаваат вкупно 5 милиони примероци годишно. Една од надежите, особено за американскиот пазар, ќе биде новонајавениот, прв досега, целосно електричен SUV под марката Jeep, кој на пазарот ќе пристигне на почетокот на следната година. После тоа, љубителите на камионети ќе добијат и можност да купат целосно електричен Ram 1500, кој ќе се појави во текот на 2024 година.

Паралелно со објавувањето на оваа стратегија, во јавноста беа објавени и првите фотографии од електричниот теренец Jeep. Освен нив, не се објавени дополнителни детали, но откривањето на функциите е најавено за наредните месеци. Она што може да се заклучи е дека овој модел треба да биде развиен на заедничката платформа STLA Small на Stellantis, која може да понуди батерии до 82 kWh и опсег со едно полнење до околу 480 километри за возила со оваа големина.

Слични содржини