ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека во континуитет укажувале дека „трошењето на државните пари од страна на владата на ДУИ и СДСМ ќе не кошта многу во годините кои доаѓаат“.
„Истата Влада којашто петта година по ред се покажа како нејнеуспешна влада во независна Македонија, којашто покрај продажбата на националните интереси не успеа да ја ублажи длабоката рецесија во 2020 година, не успеа да ја ограничи инфлацијата во 2022 година, не успеа да ја ублажи енергетската криза – за три години ќе креира нов долг од 2,9 милијарди евра, колку што за 10 години креираше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Долгот во последните три години се креираше заради раскалашеното и неодговорно трошење на државните пари, при регистрирани историски максимални суми за договорни услуги, сомнителни зделки пратени со криминали и корупција, а при најниски капитални расходи и отсуство на инфраструктурни инвестиции. Изговорот дека парите беа потрошени за кризите е издишан балон, зошто да беше така немаше да имаме најдлабока рецесија по онаа од осамостојувањето, немаше да имаме една од највисоките стапки на инфлација во Европа, немаше да имаме енергетска несигурност и несигурност за храна“, велат од партијата.
Од партијата обвинуваат дека „Владата нема никаков кредибилитет да се фали со даночни реформи во услови кога не престанува да вработува партиски војници во јавната администрација и не престанува да троши историски високи суми на стоки и услуги“.
„Најавената даночна реформа од министерот за финансии е само фарса во отсуство на вистинска битка за собирање на средства во државниот буџет. Даночната реформа преку која се најавува проширување на даночната основа со измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност ќе собере околу 50 милиони евра годишно. Но, ако навистина сака оваа Влада да собере средства во буџетот треба да почне од сивата економија од којашто годишно губи од 200-250 милиони годишно приходи од данокот на додадена вредност, данокот на добивка и останатите даноци. Дека вистинската битка не се води, доказ е тоа што петта година по ред оваа Влада ја држи во фиока „Стратегијата за формализација на неформалната економија“. Петта година по ред нема никаква активност на ова поле. Зар до сега не требаше да се заинтересира оваа Влада кои општини не плаќаат даноци, а добиваат високи трансфери од државниот буџет како „награда“ за нивната неуспешност? Праведниот пристап на оданочување нека започне од тие што не плаќаат данок, а не со изговор дека оваа Влада тоа го прави преку прогресивниот данок на доход. Рамниот данок се докажа и покажа како успешен во сузбивање на сивата економија и собирање на значајни средства во државниот буџет“, се вели во соопштението од „Белата палата“.