Новиот филм „Барби“ донесе проценети 155 милиони долари во американските и канадските кина во текот на викендот, поставувајќи рекорд како најголема заработка во 2023 година, објави во неделата дистрибутерот Warner Bros.
Филмот „Опенхајмер“ во режија на Кристофер Нолан за создавањето на атомската бомба заработи 80,5 милиони долари, во кино битката наречена „Барбенхајмер“.
Резултатите им овозможија на кината да го преживеат разочарувачкото лето. Продажбата на билети е под минатогодишната и покрај повеќе филмови во кината.
„Барби“, со Маргот Роби во главната улога, е поглед на режисерката на „Малите жени“ Грета Гервиг за иконската кукла што дебитираше пред 60 години.
Во филмот „Опенхајмер“, Килијан Марфи го игра американскиот научник Џ. Роберт Опенхајмер, човекот кој ја разви атомската бомба. Филмот доби одлични критики и се очекува да биде претендент во претстојната трка за Оскар.