Најголемиот астероид оваа година поминува крај Земјата

од Vladimir Zorba
482 прегледи

Најголемиот астероид што годинава ќе помине покрај Земјата ќе биде најблиску до неа во недела, но научниците велат дека не треба да паничите бидејќи не претставува закана за планетата.

Гигантската вселенска карпа, која научниците ја нарекуваат 2001 F032, има дијаметар од неколку стотици метри и ќе и се приближи на Земјата на растојание од околу 2 милиони километри, објави американската вселенска агенција НАСА.

Растојанието е повеќе од пет пати од растојанието од Земјата до Месечината.

„Стабилен е, не е на ризичен пат“, рече Детлеф Кошни, експерт за астероиди во Европската вселенска агенција, додавајќи дека овој небесен објект ќе биде видлив за астрономите-аматери со соодветна опрема.

„Ние точно ја знаеме орбиталната патека na 2001 F032 околу Сонцето, откако беше откриена пред 20 години, и од тогаш го следиме“, изјави Пол Чодас, директор на Центарот за истражување на објекти близу Земјата.

Овој астероид, кој кружи околу Сонцето на секои 810 дена, ќе прелета покрај Земјата со брзина од околу 124.000 километри на час.

По безопасната посета во неделата, F032 ќе го продолжи своето осамено патување, не приближувајќи се на Земјата повторно до 2052 година, соопшти НАСА.

Научниците планираат лет за поблиску да го истражуваат астероидот. „Не знаеме многу за него“, рече Косни.

Тој рече дека подеталното разгледување на F032 ќе им помогне на астрономите кои работат на проекти кои се занимаваат со дефлексии на астероиди.

Астероид со големина како 2001 F032 може да уништи цела држава, таму каде што ќе падне, рече Кошни.

Слични содржини