Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, почина на на 4 мај 1980 година, во 15.05 часот, во Клиничкиот центар во Љубjана, три дена пред неговиот 88-ми роденден.

Тито претходно беше примен во болницата во јануари поради проблеми со циркулацијата, а ногата му беше ампутирана пред смртта, за што не сакаше да се согласи се додека беше свесен. Тој бил во вештачка кома од средината на февруари.

Веста за смртта на Тито им беше соопштена на Југословените од спикерот на белградската телевизија, Миодраг Здравковиќ.

– Умре другарот Тито. Ова вечерва го објавија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија до работничката класа, работните луѓе и граѓаните, народите и националностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – гласеше веста која одекна во светот.

Најголемиот погреб на 20 век

Ковчегот со посмртните останки на Тито пристигна следниот ден со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб, до Белград. Три дена подоцна, 700 000 луѓе дојдоа на погребот. Присутни беа 209 државни делегации од 128 земји. Тоа беше најпосетуваниот погреб на еден државник во 20 век, потсетува РТС.

На погребот присуствуваа и Маргарет Тачер, потпретседателот на САД Валтер Мондајл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусеин, Леонид Брежњев, Николај Чаушеску, шведскиот крал Карл XVI Густав …

Тито беше погребан во Куќата на цвеќето во Дедиње, каде покрај него почива неговата сопруга Јованка од 2013 година.

Земјата го смени името, но не и лидерот

Јосип Броз Тито е роден во Кумровец во тогашна Австро-Унгарија на 7 мај 1892 година. Станал најмладиот наредник на австро-унгарската армија во тоа време, а за време на Првата светска војна бил ранет и заробен од Русите, па завршил во работните логори во Русија.

По Октомвриската револуција, во 1920 година, тој се вратил во новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците и се приклучи на Комунистичката партија во Загреб.

По избувнувањето на Втората светска војна, тој стана водач на Партизанското движење на отпорот, а по неговото завршување, водач на Југославија, во кое беше воспоставен нов општествено-политички поредок.

Тој беше премиер од 29 ноември 1945 година, а по 1953 година претседател на Федералниот извршен совет и претседател на Републиката. Кога тие две функции беа одделени една година подоцна, тој остана претседател на Републиката до крајот на животот, а од 1974 година беше и претседател на Претседателството на СФРЈ.

 

Слични содржини