Францускиот прехранбен гигант „Данон“ објави дека ќе го продаде својот бизнис со млечни производи во Русија, додавајќи дека договорот може да ја чини компанијата до една милијарда евра отпис.
Приклучувајќи се на растечката листа на глобални компании со висок профил кои ја напуштаат Русија поради војната во Украина, „Данон“ ќе продаде околу 90 отсто од својот бизнис во таа земја, задржувајќи ја само единицата за производство на храна за бебиња, пренесува „Ројтерс“.
„Тоа е најдобрата опција за да се обезбеди долгорочен континуитет на деловното работење во таа земја“, се наведува во соопштението и се додава дека руската млечна единица учествувала со околу пет отсто од нето-продажбата на групацијата во периодот јануари-септември оваа година.
Аналитичарите ја поздравија веста за намалувањето на присуството на „Данон“ во Русија, истакнувајќи дека тоа може да навестува поширока реорганизација на нејзиниот бизнис, вклучувајќи го бизнисот во Бразил, Аргентина, Мексико и Мароко.
Француската компанија е најголемиот светски производител на јогурт.
„Данон“ во март објави дека ќе продолжи да произведува основни млечни производи и детска храна во Русија, но дека поради војната во Украина, ги суспендира сите инвестиции во таа земја и нема да зема пари, дивиденди или профит од своето работење таму.
Компанијата не откри на кого ќе ја продаде руската подружница ЕДП.