Бројот на загинати граѓани во гранатирањето пазар во Доњецк од страна на украинските сили е 25 лица, и најмалку 20 лица се повредени, објави шефот на Доњецката Народна Република Денис Пушилин на својот канал на Телеграм.
Претходно беше соопштено дека 18 загинале, а 13 се повредени.
„Во моментов е потврдена информацијата за 25 загинати. Повредени се уште најмалку 20 лица, од кои две деца се во тешка состојба… Меѓу нив има и тешко повредени“, се наведува во соопштението.
Доњецк се наоѓа на околу 20 километри од линијата на фронтот.
Москва денеска го нарече нападот врз пазар во градот Доњецк, што е под контрола на Русија, „варварски терористички чин“ што ја покажува потребата од нејзина „специјална воена операција“ во Украина.
„Неонацистичкиот режим во Киев, со поддршка на САД и неговите сателити, уште еднаш изврши варварски терористички чин против цивилното население во Русија“, соопшти Министерство за надворешни работи на Русија.