Најмалку 36 лица загинаа во шумските пожари на Хаваи, има и исчезнати

од Nikola Popovski

Најмалку 36 лица загинаа во пожарите на хавајскиот остров Мауи, јавува Си-Ен-Ен. Луѓето настрадале во градот Лахаина на островот Мауи, соопштија тамошните власти.

Илјадници луѓе, особено на западната страна на Мауи, не можат да се јават на итните броеви или да ги известат семејствата за нивниот статус бидејќи струјата и комуникациите се исклучени, посочиле властите.

Болниците се преполни, повеќе од 2.000 луѓе се во засолништа од вторникот вечерта на Мауи, а неколку луѓе се водат како исчезнати, додаваат тамошните официјални лица.

Пожарите раселиле стотици, можеби илјадници луѓе на хавајскиот остров.

Огнот е разгорен од силните ветрови на ураганот Дора. Ураганот се движел кон југ кога ненадејно го погодил островот Мауи.

Пожарите траеле цела ноќ, а некои луѓе избегале од пламените јазици скокајќи во океанот. Се стравува дека бројот на жртви може да се зголеми.

Официјалните лица соопштиле дека 271 зграда биле оштетени или уништени, а десетици луѓе повредени.

Шумските пожари на Хаваи се најновите во низата проблеми предизвикани од екстремните временски услови ширум светот ова лето.

Слични содржини