Најмалку 37 млади Конгоанци се убиени синоќа во стампедо за време на воена регрутација во главниот град на Конго, Бразавил, соопштија денеска конгоанските власти.
„Според моменталниот биланс на итните служби, 37 лица загинаа, а многумина се повредени“, се вели во соопштението на кризната ќелија формирана од премиерот Анатоле Колин Макосо, додавајќи дека се одвивала вистинска „драма“.
Бројни видеа споделени на социјалните мрежи покажаа десетици безживотни тела изложени во градската мртовечница, како и повредени луѓе кои се примени во универзитетската и воената болница во Бразавил.
Армијата на Конго минатата недела објави дека ќе регрутира 1.500 млади луѓе на возраст од 18 до 25 години.
Кандидатите доцна синоќа ја пробиле вратата на стадионот Мишел Д’Орнано, каде се организира регрутирањето, во центарот на Бразавил. Уследило стампедо, при што многумина биле соборени и прегазени, навеле тамошните жители.
Некои од повредените се во тешка состојба, според изјавите на нивните блиски.