Најмалку 65 проценти од турските избирачи сакаат еднопартиско владеење во Турција, покажуваат резултатите од анкетите на социолошката агенција Денге, соопшти нејзиниот шеф Басри Јилдиз.
Податоците на анкетата, на неколку дена пред парламентарните избори во земјата, закажани за 1 ноември, ги објави турскиот провладин весник „Јени шафак“.
Според Јилдиз овој резултат во некои случаи достигнува до 75 проценти, но никогаш не бил под 65 отсто.
-Ист ваков резултат имаше и пред последните избори на 7 јуни годинава, кога за еднопартиското владеење во земјата се изјаснија над 70 отсто од анкетираните, рече Јилдиз.
Според резултатите од истражувањето, пренесено и од провладиниот весник „Акшам“, владеачката Партија на правдата и развојот (АКП) е политичката сила која најмногу се придржувала до дадените предизборни ветувања.
Истражувањето го спроведе универзитетот Аталам и се однесува за периодот 1983-2012 година. Тоа е темелено на податоци на Турскиот статистички завод и меѓународните организации, како Организацијата за економска соработка и развој и Институтот за набљудување на човековите права, пишува весникот.
Во истражувањето биле разгледани вкупно 420 предизборни политички ветувања, а резултатите покажале дека АКП исполнила најмногу од дадените ветувања./МИА