Најмладиот британски осуден терорист, кој на само 13 години предводел неонацистичка ќелија од куќата на неговата баба, избегна затвор, затоа што судија денес го осуди на две години рехабилитација.
Судијата на Кривичниот суд Олд Бејли пресуди дека 16-годишниот тинејџер, кој ја држел баба му за рака за време на изрекувањето на пресудата, бил виновен по 10 точки од обвинението, вклучувајќи производство на експлозив, собирање терористички материјал и споделување ултра-десничарска идеологија на Интернет, пренесува „Танјуг“.
Судијата Марк Денис навел дека со затворска казна ќе се поништи неговата работа на рехабилитација, дека младото момче се покајало и дека за жал влегол во „онлајн светот на злите предрасуди“, односно дека бил подложен на влијанието на другите.
Кога имал 13 години, момчето собрало големо количество ултрадесничарски материјал кој содржел упатства за правење напалм бомби и молотови коктели, но и правење пушка АК-47 и упатства за борба со нож.
Тој на Интернет зборувал и за убивање на Евреите со гас, бесење хомосексуалци и пукање на парадите на гордоста. Во летото 2019 година, тој станал водач на британската ќелија на ФКД, неонацистичка група која го идеализира норвешкиот убиец Андерс Брејвик и која изведуваше индивидуални напади.
Тој беше одговорен за регрутирање членови и пропаганда и беше во контакт со „командантот“ на ФКД, 13-годишен Естонец. Успеал да регрутира пет лица, вклучително и 17-годишниот Пол Данливи, кој беше осуден на најмалку пет години за терористички дела во 2019 година.
Двајцата разговарале, според очевидците, за набавка на оружје и нарачале постер кој покажува облак од атомски бомби над британскиот парламент со натпис „стерилизирање на септичка јама наречена Лондон“.
Само сакал да „биде кул“
Едно од лицата кои биле регрутирани од тинејџерот бил таен агент, благодарение на што била извршена рација во куќата на тинејџерот во 2019 година.
Во тоа време му биле одземени компјутерот и телефонот, откриени се нацистичкото знаме и неонацистички текстови, а на бараката бил напишан нацистички симбол – 1488 година.
За време на испрашувањето, тинејџерот се правдал со зборовите дека не е расист ниту хомофоб, туку дека само сакал да изгледа „кул“, како и дека има намера да го напушти ФКД.