До крајот на 2020 година, земјите требаше да достават ажурирани и поамбициозни национално утврдени придонеси (НДЦ) за справување со климатската криза. Најновиот извештај на ОН предупредува дека „не сме ниту близу до потребното ниво на амбиција“ за да избегнеме климатска катастрофа.
Поимот ‘национално утврдени придонеси (НДЦ)’ беше осмислен како резултат на Парискиот договор во 2015 година. Ова значи дека секоја земја што го потпиша договорот (доброволно) ги наведува своите планови за „намалување на националните емисии и прилагодување на влијанијата на климатските промени“. Националните придонеси треба да се ажурираат и повторно да се доставуваат на секои пет години, поради што се очекуваа нови поднесени придонеси до крајот на 2020 година.
Најновиот извештај за синтезата на НДЦ ги испита 48-те нови и ажурирани Национално утврдени придонеси што Рамковната Конвенција за климатски промени на ОН (УНФЦЦЦ) ги доби од различни страни, вклучувајќи ја и Европската Унија како целина. Оригиналните НДЦ во 2015 година не беа доволно амбициозни да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов поради што земјите требаше да достават значително подобри национални придонеси со рок до крајот на 2020 година. Овие придонеси ги истакнуваат предвидените национални активности од 2021 година до 2030 година.
Што беше потребно
Со оглед на недостатокот на амбиција од НДЦ 2015 и влошената состојба на глобално ниво во однос на емисиите на јаглерод, секоја земја требаше да претстави значително поамбициозни НДЦ до крајот на 2050 година.
Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), потребно е 45% намалување на глобалните емисии на СО2 помеѓу 2010 и 2030 година со цел да остане под виталната граница на глобално затоплување од 1,5 степен Целзиусов. Ова исто така би вклучило драстично намалување на другите емисии на стакленички гасови, како што е на пример метанот.
Што всушност добивме
Извештајот забележува мало зголемување на амбицииите на некои земји, но не е ниту близу до постигнување на целите што очајно треба да бидат исполнети за добивање шанса за избегнување на најстрашните последици од климатската криза. Комбинираните намалувања на емисиите до 2030 година за сите земји кои ги доставија своите НДЦ е само 3% пониско од првичните цели за 2015 година.
Со овие намалувања, глобалните емисии до 2030 година ќе бидат само 0,5% помалку од емисиите во 2010 година. Ова е далеку од потребното намалување од 45% на вкупните емисии на СО2 што го бараат научниците за да се одржи глобалното затоплување под 1,5 степен Целзиусов за да се избегне неконтролирана климатска криза.
Велика Британија и ЕУ се обврзаа на поамбициозни цели за намалување на емисиите, но ова ќе резултира со само 2,8% намалување во споредба со нивните први ветувања во 2015 година. Ова изнесува само 0,8% од вкупните емисии на глобално ниво денес.
Земји како Јапонија, Јужна Кореја и Русија не претставија поамбициозни НДЦ, а Бразил и Мексико всушност претставија помалку амбициозни цели.
САД и Кина, два најголеми светски емитери сè уште ги немаат доставено своите НДЦ, месеци после крајниот рок. Кина вети дека ќе ги зголеми своите амбиции и САД повторно влезе во Парискиот договор, но сè уште не сме виделе нови и подобрени НДЦ на хартија. Индија, Индонезија и Канада исто така не успеаја да ги достават своите НДЦ пред крајниот рок.
Ревидираните национални придонеси на Северна Македонија се подготвени, но сè уште се наоѓаат во владина постапка и сè уште не се усвоени, што значи дека не беа доставени до УНФЦЦЦ пред крајниот рок. Нацрт-верзијата може да ја најдете овде.
За време на објавувањето на извештајот, Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН предупреди:
„Денешниот интерим извештај од УНФЦЦЦ е црвен аларм за нашата планета. Тој покажува дека владите не се ниту близу до нивото на амбиции потребни за ограничување на климатските промени на 1,5 степен Целзиусов и исполнување на целите на Парискиот договор“.
Извор: The Climate Herald