Најново рангирање на институциите: Министерството за одбрана и општина Карпош најтранспарентни

од Берта Китинска
464 прегледи

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, изработено во март 2021 година, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. Индексот ги покажува следниве клучни аспекти:

Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2021 година изнесува 63 % (од максимално можни 100 %). Во однос на 2020 година, активната транспарентност е подобрена за 5 процентни поени (од 58 % на 63 %).

Министерствата и Владата просечно објавуваат 79 % од потребните информации, што е минимално подобрување од ланските 77 % активна транспарентност, додека општините, петта година по ред, имаат помала активна транспарентност од министерствата објавувајќи 60 % од потребните информации, но во однос на лани бележат пораст од 5,5 процентни поени.

За првпат откако се изработува индексот (од 2016 година наваму), дури две институции добија максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации. Станува збор за Министерството за одбрана, кое и лани беше на првото место, и Општина Карпош, која лани беше трета.

Меѓу регионите, и годинава на прво место е Источниот Регион (со 74 % активна транспарентност), додека на последно останува Скопскиот Регион (со 49 %).
Најмалку информации министерствата објавуваат за финансиите (само 60 % од можни 100%), а општините за прашањата од нивна надлежност (42 % од можни 100 %).

На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 17 дена (лани за 24 дена), а министерствата одговорија за 16 дена (лани за 26 дена). 39 % од институциите одговорија подоцна од законскиот рок, прекршувајќи го законот.

Од годинава, активната транспарентност е претставена на едно место, на специјално изработената веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница www.ccc.org.mk и http://www.opendata.mk/.

Слични содржини