Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија да не користи нуклеарно оружје во војната во Украина.
„Нашата порака е јасна: по употребата на нуклеарно оружје, сите страни ќе станат губитници“, изјави Столтенберг за весникот „Велт“.
Тој посочи дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не смее да се води, а тоа важи и за Русија.
Столтенберг истакна дека НАТО во моментов нема индикации дека руското нуклеарно оружје е ставено на повисоко ниво на подготвеност од почетокот на војната во Украина.
Тој, исто така, го повика Западот да испорача дополнително тешко вооружување на Украина.
„На Украина итно ѝ треба тешко вооружување. Западот треба да ги интензивира тие испораки и да се подготви за долгорочен ангажман“, објасни тој.
Шефот на НАТО рече дека само на овој начин Украина може успешно да се одбрани од руската инвазија.
Тој ѝ порача на Украина дека мора да се подготви за долга војна со Русија, која може да трае со месеци, а можеби и со години.