Американскиот сајт за состанување Мијтвил ги рангираше погрешните места за флерт, со надеж да спречи несакани додворувања во апсурдни ситуации, а во листата се ставени авионите и фитнес салите, објави “Дејли мејл”.
На прво место се погребите. Сосема очекувано таму е добро луѓето да бидат оставени на тагата. Разговор со непознат на погреб може да се започне само за изразување на сочувство.
Следат интервјуата за работа. Кандидатите треба да се фокусираат само на она што може да понудат, а не да се обидуваат да го добијат местото со додворување.
Итните оддели во болниците не се барови, предупредуваат од сајтот за состанување. Луѓето не се таму по своја желба. Почитувајте им го личниот простор, инаку може да се наредите меѓу пациентите, советува Мијтвил.
Во фитнес салите луѓето се испотени и исцрпени. Затоа не им е до нови познанства.
Што се однесува до авионите, таму човек нема каде да избега. Ако се прави дека спие, не е бидејќи е уморен, туку бидејќи не му се зборува со непознати.