Поранешниот шеф на руската тајна служба предупредува дека Русија, Кина и САД ќе формираат нов „геополитички поредок“ што може да и наштети на Европа.
Евгениј Савостјанов, кој некогаш беше на чело на КГБ во Москва, за „Кориере дела Сера“ изјави дека континентот мора „брзо да се разбуди“ со експанзионистичките амбиции на рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи во спротивно Европа ќе стане „неважна“.
Тој додава дека доколку лидерите не реагираат на руската закана, сегашните преговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Русија би можеле да доведат до договор од кој Европа ќе биде исклучена. За да се спречи ова, Савостјанов вели дека владите ширум континентот мора „да го преземат товарот на одговорноста за сопствената судбина“, преку зајакнување на одбранбените капацитети и започнување силни информативни кампањи за глобалните закани.
„Денес сте под палецот на две сили, Русија и новите САД, кои длабоко ги мразат вашите основни вредности. Нив ги обединува она што тие веруваат дека е заеднички непријател – вие. Вие сте опкружени, на некој начин. Европа мора да го врати статусот на глобален политички субјект за самостојно да си ја гарантира безбедноста“, ги предупреди Савостјанов.
Борбата за враќање на моќта во Европа, смета тој, започнува со одбраната на Украина и кампањата која на населението ја објаснува новата глобална ситуација. Европските претставници претходно изразија загриженост дека не биле вклучени во преговорите меѓу Вашингтон и Москва. Тие не гледаат пат кон мир во Украина без американска поддршка, што значи дека мора да го следат водството на Трамп во секоја фаза од процесот.
Лидерите се обидуваат да ги зголемат трошоците за одбрана во последните недели, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека Европа мора итно да се „вооружи“. Активностите на Путин укажуваат на амбиција да се врати глобалната сцена која не е забележана од распадот на Советскиот Сојуз, тврди Савостјанов.
Поранешниот шеф на КГБ, исто така, рече дека Кина најверојатно ќе има видно место во овој нов светски поредок доколку Европа остане на својата сегашна политичка траекторија. Кина тврди дека е неутрална кога станува збор за руската инвазија на Украина, но продолжува да одржува блиски врски со Москва. Савостјанов смета дека во тој случај Европа ќе мора „да се помири со де факто потчинување на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните различни сателити“, пишува Дејли мејл.