Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, објави дека боледува од агресивен вид рак кој потекнува од простатата и веќе се проширил на коските. Веста ја потврди неговата лична канцеларија, а Бајден се огласи преку социјалната мрежа X (поранешен Твитер), каде што објави фотографија со својата сопруга Џил и нивната мачка, и испрати благодарност на сите фанови за поддршката.
„Веста за ракот силно нè погоди сите. Како и многумина од вас, Џил и јас научивме дека сме најсилни во моментите кога сме скршени. Ви благодариме што нè кревате со љубов и поддршка“, напиша Бајден.
Според соопштението од неговата канцеларија, претседателот минатата недела бил подложен на медицински прегледи поради сериозни уринарни проблеми. Прегледите откриле нов раст на простатата, а во петокот лекарите официјално му дијагностицирале рак на простата со Глисонов скор од 9 – што претставува Група 5, најагресивниот степен на оваа болест.
Дополнително, потврдено е дека ракот се има проширено на коските, што укажува на напредната и сериозна фаза на болеста. Сепак, лекарите истакнуваат дека има можност за поефикасен третман на ракот со современи терапии. Останува неизвесно како оваа состојба ќе влијае врз здравјето и секојдневниот живот на Бајден, но неговата порака е јасна – ќе се бори со поддршката на своето семејство и народот.