Падот на автомобилскиот пазар во Русија продолжи и во ноември, при што продажбата на возила опадна за 61,6 отсто на годишно ниво, соопшти Асоцијацијата на европски претпријатија (АЕБ).
Како што истакнува Танјуг, продажбата почнала да паѓа откако Москва во февруари започна инвазија врз Украина, по што Западот воведе санкции кои ги спречуваат руските компании да пристапат до автоделови и откако неколку странски производители ја напуштија таа земја или ги прекинаа операциите во неа.
Според соопштението на AEB, во ноември во Русија се продадени 46.403 возила во споредба со повеќе од 120.000 продадени единици во истиот месец од 2021 година, а од почетокот на годината продажбата е намалена за 60,9 отсто, пренесе Ројтерс.
Бидејќи санкциите ја попречуваат способноста на Русија да продолжи да функционираат виталните индустрии, Москва и испрати на Индија потенцијална листа за снабдување со повеќе од 500 производи, вклучувајќи делови за автомобили, авиони и возови.
Аналитичарите велат дека ограничената побарувачка во економијата, поради падот на животниот стандард и зголемената инфлација, му нанела и удар на секторот.
Минатиот месец Русија започна со производство на иновативен модел на Москвич, автомобилската марка од советската ера, во фабрика во близина на Москва, која беше испразнета од францускиот Рено.
За производство на новиот Moskvich, кој се базира на дизајнот, инженерството и платформата на кинеската автомобилска компанија JAC, делови се набавуваат од Кина.