Откако локалните жители во Злокуќани реагираа јавно дека во нивото населено место од рано наутро до доцните вечерни часови забрзано се гради џамија-дивоградба, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски за утре договори средба со претставници на групата која стои зад бесправната градба.
Иако станува збор за незаконско и самоволно градење, односно градбата е без дозвола од надлежните институции, за која нема информации ниту Исламската верска заедница, градоначалникот Јакимовски надвор од секој закон договара средба за преговори со оние кои го кршат законот и не ги почитуваат процедурите за градење.
Доколку Јакимовски сака да биде градоначалник на сите граѓани во општината и сака правна држава, тогаш согласно законот треба уште утре да го реши овој случај на единствениот легален начин – со стопирање на градбата и потоа со рушење на нелегалниот објект. Наместо тоа, Јакимовски остава впечаток во јавноста дека се обидува да купи време со преговори и договори кои пак оставаат простор за корупција и издавање на дозвола отпосле, со што само ќе се потврди дека целата активност околу џамијата е спротивна на законот.
Одговорноста за изградбата на безправната џамија, односно нејзиното стопирање и рушење е кај Општина Карпош и кај градоначалникот Јакимовски и затоа карпошани очекуваат еднаков однос кон сите жители и се надеваат дека општината ќе се води по законски правила, а не по желбите на поединци со кои Јакимовски ќе преговара. Затоа ним им е нејасно зошто и со кого ќе се преговара. Ако некој не почитува закон мора да одговара според закон, а не да му се дава простор за преговори.
Дали ова ќе биде новата пракса во Карпош, секој да може да започне да гради каде што ќе посака, а при тоа надлежните да не понесат одговорност, односно да преговараат со оние кои го кршат законот? Јакимовски сигурно знае дека ова е негова надлежност и дека не смее да се обидува да бара други виновници на случајот. Ова не е случај за други институции, ова е случај што мора да го реши општината.