Наместо крај на урбанистичкиот хаос, мораториумот за градба во општина Цетар предизвика штета за инвеститорите

443 прегледи

Мораториумот за градба во Цетар иако требаше да донесе ред во урбанистичкото градење и планирање, во пракса предизвика штета кај деловните субјекти и кај инвеститорите. Траеше предолго велат за локално.мк од Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската Комора на Македонија, а ревизијата на урбанистичките планови не се одвиваше според конкретна и утврдена динамика.

“Сите механизми кои ги презема локалната власт покрај остварувањето на јавниот интерес треба да овозможат и заштита на приватниот интерес како едно од начелата на урбанистичкото планирање. Здружението на градежништвото ги поддржува активностите за урбано и хумано живеење, меѓутоа мора да се води сметка и за планираните активности и инвестициските вложувања од страна на приватниот сектор”, вели претседателот Андреа Серафимовски.

Правото на хуман живот не засега сите, но не е лесно вели тој,да се постигне едно решение со кое ќе бидат задоволни и граѓаните и инвеститорите.

“За да не се доведеме во вакви ситуации во иднина и да дебатираме кое од овие начела има поголема тежина треба да тргнеме од креирање квалитетни и применливи прописи. Годинава беше донесен нов Закон за урбанистичко планирање, а во скоро време очекуваме да бидат донесени сите подзаконски акти кои ќе овозможат негова доследна имплементација и надминување на досегашните проблеми во практиката. Од исто значење е и донесувањето на нов Закон за градење со оглед дека важечкиот закон е менуван над 30 пати. Со тоа очекуваме дека би се ставил ред во работењето, би се отстраниле злоупотребите од минатото и би се креирала правна извесност како предуслов за успешно и квалитетно работење на градежните компании.” вели Серафимовски.

Во таа насока, смета Серафимовски,нужно потребно е зајакнување на капацитетите на инспекциските служби и стручно вршење на инспекцискиот надзор за да се спречи нелојалната конкуренција,но и да се гарантира доследна примена на прописите.

К. В. С.

Слични содржини