Каде е албанската опозиција во „новата коалиција“ што ја најави Мицкоски: „Лична политичка проценка е маневарот на ВМРО-ДПМНЕ да вклучи една албанска коалиција со 4-5 министри“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

ВМРО-ДПМНЕ крева рачна кочница, кога се работи за нападите кон другите партии, особено кога станува збор за Левица и ЗНАМ. Од партијата велат дека повикуваат за македонско национално единство. „Несогласувањата секако ќе продолжат, но мора да најдеме заеднички јазик без разлика на личните и партиските суети и интереси. Не очекувам да го направат истото. Можеби ќе бидам нападнат за овој гест, можеби некои со право ќе кажат дека е доцна, но сепак, без разлика како ќе се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе си останеме на зборот. Македонија мора да биде обединета, мора од некаде да започне и нема подобро време овој процес да започне токму сега и токму од нас. И ова нема врска со евентуални коалиции или комбинаторики, очекуваме историски резултат и историски највисока победа, а за тоа се свесни и нашите политички противници“, рече синоќа Христијан Мицкоски од Охрид на првиот ден од кампањата за парламентарни избори.

Ваквиот негов став следува еден ден по објавената анкета на контроверзната ИПИС, според кои најмногубројна пратеничка група по изборите би имала ВМРО-ДПМНЕ со 51-54 пратеници, Левица би имале четири до седум мандати, а партијата на Максим Димитриевски би можеле да се надеваат на четири до шест пратенички места.

Дали на повидок е новата коалиција?

Поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров смета дека oва е одличен потег на Мицкоски, бидејќи како што вели, практично со една едноставна изјава најави дека нема да трпи уцени кои веќе се најавуваат од одредени малцински партии.

Игор Есмеров

-Сепак тоа се малцински партии и се создава револт кај мнозинството од постојаните уцени, а тоа не е добро и може да доведе до дополнителни тензии. Не мислам дека е најава за некаква коалиција со Левица и Знам, но според уставот и законите таквите коалиции не се ниту забранети. Мораториумот е со цел да нема беспотребни напади помеѓу опозициските партии и целата енергија да се насочи кон владата, што е и суштината на политичката борба. Логично е опозицијата да ја напаѓа владата, а сосема нелогично е опозицијата да се напаѓа меѓусебно, истакнува Есмеров.

Според него, појавата на партиите Левица и Знам не се по вина на ВМРО, туку по вина на СДСМ, кои, како што вели, до крајни граници вршеа невиден политички прогон и терор врз ВМРО-ДПМНЕ, а одредени меѓународни фактори слепо молчеа.

Соговорникот е дециден дека СДСМ не е антимакедонска партија, туку како што истакнува, партија во која мнозинството од раководните структури не покажуваа ниту елементарна способност да променат нешто на подобро.

-Ако направиме една хронологија по што би можеле да ги паметиме ќе дојдеме до сеќавањата на болната транзиција, пирамидални штедилници, крајно несериозен однос при конфликтот во 2001 година, два пати афери со прислушување, во кои се вклучени нивни проверени кадри, политички прогон, аферата Сина птица поради која беа вратени агреманите за назначување на македонски амбасадор, Дурмо турс, Тетовската модуларна болница, автопатот кон Охрид, Универзална сала, први во свет по смртност од Ковид-19, афера со цитостатици, немање учебници низа години, фабрика за електрични возила итн. Јас навистина мислам дека СДСМ не е антимакедонска партија, но сум убеден дека се спектакуларно неспособни, критикува екс-функционерот.

Во однос на најавите според анкетите, дека веројатно споменатата коалиција може да дојде 61 пратеник и колку тоа би значело конфликт со албанскиот блок, Есмеров оценува дека принципиелно гледано, не би требало да има проблем, особено ако се има предвид дека мајскиот договор е мртов, така што според него, маневарот на ВМРО-ДПМНЕ евентуално да вклучи една албанска коалиција со 4-5 министри е работа на лична политичка проценка.

-И покрај победата од 61 пратеник, ВМРО-ДПМНЕ ќе има комотна позиција да не трпи уцени како што трпеа СДСМ досега. Убеден сум дека раководството на ВМРО ќе вклучи албански партии од опозицијата со цел владата да ги претставува сите етнички групи во Македонија на принципиелна основа, програмски, а не на основа на уцени и неказнивост на криминалот.

Секако, морам да додадам дека ВМРО мора да биде предводник во евроинтегративниот процес и што и да се случи во тие најавени репреговарања со Бугарија, ние мораме да го изменаџираме тоа отварање на Уставот, со прецизен рез само по однос на Договорот со Бугарија и ништо повеќе од тоа. Убеден сум дека во таа наша подготвеност ќе ни помогнат и меѓународните авторитети и драстично ќе се намали маневарскиот простор за допонителни уцени, анализира Есмеров.

Од друга страна, професорот и политички аналитичар Нано Ружин смета дека ова прашање може да се гледа и од аспект на внатрешната и надворешната политика. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека мора да направи поширок фронт доколку сака да ги реализира идеите кои што се наметнати, а чија оска е еден вид резервираност кон ДУИ и останатите партии бидејќи може ги смета за нестабилен коалициски фактор, со оглед на условите што ги поставуваат за уставните измени.

Нано Ружин

-Веројатно од некои мерења на популарност и мои информации, не е сепак толку голема ралзиката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Трето тоа е желба за окрупнување што психолошки делува врз гласачите. За да не се прелеваат гласовите од ВМРО кон Левица и обратно. Тоа се три битни елементи. Барем добар дел од вмровските гласачи би гласале за Левица, а воедно тука се и дел од разочараните од СДСМ кои би гласале за ЗНАМ. Од друга страна, некои конкретни елементи како што се коспонзорството на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, приемот на Косово во Советот на Европа и напуштањето на Отворен Балкан, исто така го зголемуваат критичкиот однос кон владеачката коалиција и во овие чинови, дел од оние групи….Знаеме дека во кумановскиот регион има голем дел од од гласачкото тело од српско етничко потеккло. Сите тие елементи се битни според ВМРО-ДПМНЕ кои можат да ја подобрат сликата во однос на изборите. Тука се и претседателските избори. Веројатно на крај се очекува поддршка од овие две партии во вториот круг кон кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, ни рече Ружин.

Прашањето е како партиите ќе го прифатат мораториумот, бидејќи како што вели, во тој случај на кој начин ќе се случи некое натамошно интегрирање, дали овие партии ќе го изгубат својот идентитет доколку се „припојат“ во ВМРО-ДПМНЕ.

Н.П.

Слични содржини