Наместо од психолог, младите бараат помош од ChatGPT: „Недоволното критичко познавање на ВИ остава когнитивни и емотивни последици“

Социјални релации наспроти вештачка интелигенција: „Младите преку барање емотивна поддршка од ChatGPT, влегуваат во сопствен затворен систем“

од Бисера Трајковска
45 прегледи

Вештачката интелигенција несомнено веќе е дел од општественото секојдневие кај младите, во секоја сфера од нивниот живот. Иако во најголем дел од случаите, истата служи за забава и едукација, се зголемува бројот на младите кои познатата алатка (chatGPT) меѓу другото, ја користат и како замена за психолог или психотерапевт. Се поставува прашањето дали е ова вистинската замена за психолошка помош и со какви ризици можат да се соочат? 

Пихологот и комуниколог Маријана Марковиќ за „Локално“ вели дека и ние но и помладите генерации уште не го познаваат доволно овој нов технолошки производ, и немаат развиено критичко мислење. 

-Не само во однос на психологијата, туку ние уште не го познаваме тој нов технолошки призвод, кој што е многу присутен. Бидејќи не го познаваме, ние сме како „наивни домородци“. Немаме критичен однос, не го разбираме како функционира, додава Марковиќ. 

Како што посочува, во тој почетен круг на користење на вештачката интелигенција, се случуваат и сакани и несакани ефекти. 

-Младите за се што ќе се направи во однос на вештачката интелигенција мислат дека е точно и немаат никаков критички однос кон содржините што таа ги дава. Тоа си има свои последици и на когнитивните и на емотивните процеси, додава Марковиќ. 

Таа посочува дека не е новост вештачката интелигенција да му дозволи на младиот човек да постави прашање за својата психолошка состојба, и да добие одредена информација. Дури, како што подвлече, уште на почетоците на компјутерите, постоеле компјутери кои што биле конструирани со тенденција самиот човек со компјутерот да си споделува емотивни состојби и потоа да добива „фидбек“. 

Пихолог и комуниколог Маријана Марковиќ, Фото: приватна архива на Марковиќ

-Но, како се развиваат алатките, така се менуваат и облиците на нашето комуницирање со техничките уреди.Мобилни апликации имаат софтверчиња за намалување на анксиозност, за намалување на панични напади и депресија, д

одава Марковиќ. 

Таа е на ставот дека постојат многу алатки кои што се генерираат, а го прескокнуваат контактот човек-човек. 

Сепак, појаснува, ова се процесите коишто не можат да се вратат назад. 

-Ние не можеме да ги вратиме процесите назад.Има и добри и лоши страни, се зависи колку сме запознаени со новите технологии и како ги користиме. Кога човекот е критичен, знае да направи разлика меѓу добро и лошо, но кога не е критичен, може да западне во сите замки што ги носи технологијата. Ова особено важи за млади. Колку се помали децата, толку не е развиено апстрактното мислење. Се што ќе слушнат, мислат дека е вистина, додава Марковиќ. 

Според психологот, потребно е во образованието да се воведат нови пристапи за препознавање на вештачката интелигенција и нејзина примена. 

-Не можеме да се враќаме назад, можеме само да ги научиме алатките и да ги ставиме во наша функција. Со ова, човекот влегува во еден сопствен затворен систем. Сам со себе комуницира. Целта на психотерапијата е човек да може да воспоставува социјални релации, додава психологот. 

Таа објаснува дека алатките што се создаваат се во насока да се намали интензитететот на меѓу човечките контакти, па дури и во психотерапијата. 

-Мора да се подига нивото на свесност кај сите нас, порача Марковиќ. 

Б.Т.