Нападнати цариници за време на акција во Тетово, запленети 113 килограми режан тутун и 415 кутии цигари

од Aleksandar Petrovski
166 прегледи

Царинската управа на Република Северна Македонија во соработка со Државниот пазарен инспекторат, денеска спроведоа две акции во Скопје и во Тетово, против нелегална продажба на цигари, режан тутун и други тутунски производи.

Целта на акцијата, соопштија од Царинската управа, била контрола и заплена на производи кои нелегално се продаваат и претставуваат акцизни добра.

– Двете акции паралелно се спроведоа во Скопје и Тетово, при што на територијата на Општина Тетово службените лица при вршење на претресот беа брутално нападнати од страна на поголема толпа луѓе кои и се познати на полицијата и против нив ќе биде покрената соодветна пријава. Оттука Царинската Управа и Државниот пазарен инспекторат порачуваат дека и покрај сите опструкции ќе продолжат да се борат против сивата економија и нелегалната продажба на тутунските производи ширум државата, се посочува во соопштението.

Инаку, во двете акции се запленети 113 килограми режан тутун и 415 кутии цигари.

Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, подвлекуваат во соопштението од Царинската управа, а кога ќе се најдат во малопродажба, мора да бидат обележани со контролни марки.

– Акцизите учествуваат со околу 22 проценти во вкупните даноци што ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 проценти, од кои над пет проценти се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата, стои во соопштението.

Слични содржини