Нападот врз Јужен Парс го турка целиот свет во хаос

Нападите врз клучните гасни постројки во последните денови означуваат сериозна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Овие потези би можеле да имаат долгорочни последици за глобалната економија

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Kanal13

Ова се првите напади во кои се директно погодени постројките за производство на фосилна енергија, а не само пошироката инфраструктура поврзана со нафтата и гасот.

Во вторник, ирански напад со беспилотни летала ја запре работата на гасното поле „Шах“ во Абу Даби, кое произведува околу 20 проценти од гасот на Обединетите Арапски Емирати и околу пет проценти од грануларниот сулфур во светот, важен за производство на ѓубрива. Еден ден подоцна, беше погоден иранскиот објект на гасното поле Јужен Парс, најголемото во светот, кое Иран го дели со Катар.

Тоа е клучен извор на енергенси за Иран, кој веќе се соочува со недостиг на електрична енергија, анализираше Гардијан.

Нападот го натера Техеран да се закани со одмазда против енергетската инфраструктура во регионот. Израелските медиуми тврдат дека Израел стои зад нападот со американска согласност, но нема официјална потврда. Исто така е важно што САД и Израел досега се воздржаа од напади врз такви цели со цел да избегнат ирански одговор на енергетските капацитети на соседните земји.

Ваквите напади сигнализираат продлабочување на конфликтот и отвораат пат за долгорочни нарушувања на енергетскиот пазар. Иако снабдувањето би можело да се врати во нормала во рок од неколку месеци од евентуалното прекинување на непријателствата, посериозна штета врз производството би можела да се чувствува со години.

Аналитичарот Саул Кавоник го предупреди „Фајненшл тајмс“: „Ако се изгубат неколку милиони барели производство, тоа има голем ефект бидејќи нема начин брзо да се надополнат залихите, дури и по војна.“

Стравувањата од пошироко нарушување веќе ги зголемија цените на нафтата, а политичките последици се чувствуваат и во САД, каде што цените на горивата повторно се во пораст.

По нападот, Иран предупреди дека енергетските капацитети во Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар сега се „директни и легитимни цели“ и повика на нивна евакуација. Недолго потоа, експлозии одекнаа во Ријад.

Катар го обвини Израел за нападот, нарекувајќи го „опасна и неодговорна“ ескалација што ја загрозува глобалната енергетска безбедност. ОАЕ, исто така, предупредија дека нападот претставува закана за стабилноста на регионот и снабдувањето со енергија во светот.

Искуствата од минатите конфликти сугерираат дека таквата штета е многу тешко да се поправи. По инвазијата на Ирак во 2003 година, реконструкцијата на енергетската инфраструктура траеше многу подолго од очекуваното. Имено, беа потребни повеќе од две години за производството да се врати на претходното ниво. Слични проблеми се видливи во Украина, каде што нападите врз електричната мрежа покажаа колку се сложени и бавни поправките.

Во земјите од Заливот, енергијата не е само економско прашање. Туку е основа на општествениот договор меѓу властите и граѓаните, но и клуч за политичка стабилност и привлекување на странска работна сила.

Во исто време, енергијата има важна дипломатска улога. Односите меѓу Иран и Саудиска Арабија делумно се омекнаа во последните години токму поради економските интереси. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман процени дека конфликтите со Иран ги исцрпуваат ресурсите, додека Иран бара олеснување од притисокот на санкциите.

Катар, кој го дели гасното поле Јужен Парс со Иран, беше дополнително погоден од нападите. Со години, тоа место служеше како редок мост на соработка меѓу Доха и Техеран, но и во поширокиот регион.