Напаѓачот од Чикаго, Роберт Кримо, обвинет за 117 кривични дела

од Stefanija Kuzmanovska
246 прегледи

Големата порота го обвини напаѓачот од парадата на Денот на независноста во близина на Чикаго, кој уби седум и повреди десетици луѓе, со дури 117 кривични дела. Меѓу точките во обвинението се и 21 обвинение за убиство од прв степен.

Роберт Кримо Трети (21) е обвинет дека пукал од покривот на зграда кон учесниците на парадата на 4 јули во Хајленд парк во близина на Чикаго. Тој ќе се појави пред судот на 3 август, а доколку биде прогласен за виновен му се заканува доживотен затвор, пишува „Гласот на Америка“.

Кримо призна дека пукал кога бил уапсен, соопштија обвинителите. Полицијата му го пронашла автомобилот и оружје слично на полуавтоматската пушка пронајдена на местото на настанот.

Покрај убиствата, Кримо се товари и за 48 обиди за убиства и 48 повреди со огнено оружје. Овие обвиненија ја вклучуваат секоја жртва која била ранета со куршум или погодена од шрапнел.

„Сакам да им се заблагодарам на полицијата и на обвинителите кои ги презентираа доказите на големата порота. Нашата истрага продолжува, како и нашата поддршка за сите жртви и сите погодени од ова злосторство“, рече окружниот обвинител на округот Лејк, Ерик Рајнхарт.

Според информациите од неговиот кабинет, Кримо го купил оружјето легално и покрај тоа што имал историја на насилничко однесување и закани дека ќе се самоубие себеси и блиските, за што веќе интервенирала полицијата.

Слични содржини