Во духот на новогидушните и божикните празници ви откриваме како да подготвите превкусни мафини и да ги декорирате како новогодишни елки.
Дури и да не сте експерти во слаткарството, ова е навистина лесно – потребни ви се само прехранбени бои и слаткарски шприц со ѕвездест отвор.
Потребни состојки:
150 гр омекнат несолен путер
150 гр шеќер
Рендана кора од лимон
2 јајца
150 мл млеко
Малку сол
200 гр брашно
2 лажички прашок за пециво
Фил:
250 гр маскарпоне или крем сирење
Сок од еден лимон
50 гр шеќер во прав
Еден ванилин шеќер
Декорации:
Јадливи светки, бисери, ѕвездички…
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Во калапот за мафини ставете декоративни хартиени корпици.
За тестото, шеќерот, кората од лимон и путерот изматете ги пенесто со миксер. Додадете ги јајцата, млекото, солта и на крајот брашното измешано со пецивото. Со смесата наполнете 2/3 од корпиците. Печете 20 минути и оставете да се изладат.
За филот, изматете ги крем сирењето, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер, а на крај додадете го сокот од лимон. Обојте со зелена боја и наполнете слаткарски шприц. На секој мафин формирајте елкички со помош на шприцот. Украсувајте со шеќерни перли, светки и украси.